Општествена одговорност

Млекара АД Битола како општествено одговорна компанија

Придонесот на „Млекара АД Битола“ кон доброто на заедницата е важен дел од нашата корпоративна стратегија. Како општествено одговорна компанија „Млекара АД Битола“ се грижи да им понуди на потрошувачите не само производи со висок квалитет, туку и да направи чекор повеќе кон подобрување на нивниот живот и условите во општеството, преку помагање на спортот, културата, едукацијата на младите и искрената солидарност кон оние групи граѓани кои имаат најголема потреба за помош.

Оттука, кога во 2014 и 2015 година нашата земја и земјите од регионот беа погодени од големи поплави, „Млекара АД Битола“ беше меѓу првите компании кои активно се вклучија во помагање на населението преку парични донации и донации во производи. Покрај ваквите настани каде што помошта е итно потребна, компанијата континуирано ги користи сите можности за помагање и поддршка на хуманитарните организации, народните кујни, Црвениот крст и детската амбасада „Меѓаши“. Бројните признанија и благодарници на „Млекара АД Битола“ се само потсетник на пријателството меѓу компанијата и овие организации.

Со цел да им се помогне на децата со посебни потреби, преку подобрување на условите во институциите каде што тие се згрижуваат, се роди идејата за хуманитарната активност наречена „Хуманоста е важна“. Активноста беше реализирана во соработка со „Тинекс“ маркетите, при што беа донирани повеќе инструменти, помагала и мебел за институциите кои згрижуваат деца со посебни потреби.

Меѓу многубројните хуманитарни проекти во кои учествувала „Млекара АД Битола“, акцијата наречена „Прегратка на дар“ се издвојува како проект со кој компанијата особено се гордее.

 Оваа хуманитарна акција беше реализирана заедно со организацијата „Дану Филантропија“ кон крајот на 2012 година. Она по што „Прегратка на дар“ се издвојува од сите други хумани акции е фактот дека во неа беа вклучени дечињата од сите градинки во Македонија. Тие изработија уникатни играчки кои со желба за здравје и радост им беа подарени на болните дечиња кои лежеа во болничките соби за време на новогодишните празници и на дечињата кои живеат во установите за згрижување деца без родители. На овој начин, децата не само што им подаруваа играчки на другите дечиња, туку имаа можност уште од најрана возраст да учат за значењето и за потребата од хуманоста и солидарноста. Во рамките на оваа акција се вклучија повеќе од 150 градинки и се изработија повеќе од 7.500 играчки. За овој проект, „Млекара АД Битола“ беше наградена за најдобра општествено одговорна практика и партнерство за 2012 година во Македонија во категоријата „Вложување во заедницата”, за големи претпријатија. За овој проект компанијата доби и меѓународно признание – награда за општествено одговорна компанија од Македонија на ниво на Европа (European CSR Award), која беше доделена во Брисел, Белгија.

Во 2015 година, „Млекара АД Битола“ во соработка со здружението „Борка“ ја спроведе акцијата „Розови и здрави“. Оваа акција имаше за цел да обезбеди средства кои ќе бидат искористени за превенција од ракот на дојка. Оттука, во текот на месец март, битолскиот јогурт се продаваше со редизајнирана амбалажа на која розевата панделка ги информираше потрошувачите дека со секое купување на овој производ даваат свој придонес во борбата против оваа болест. Акцијата заврши со голем успех и прифатеност од страна на јавноста.

Покрај акциите кои во фокусот го имаат здравјето на потрошувачите, од големо значење за компанијата се и иницијативите за поттикнување на потрошувачите да водат активен животен стил.

Од таа причина, со цел да го промовира здравиот живот и спортските игри, „Млекара АД Битола“ во 2012 и 2013 година организираше два настана: „Балансираме заедно” и „Олимпијада +” на коишто младите, преку 10 забавни игри во неколку градови во Македонија, имаа можност да добијат вредни награди работејќи во тим и да се забавуваат низ спортски активности со поддршка на „Баланс+“ производите.

Покрај спортот, компанијата редовно поддржува и настани од културата, меѓу кои: „Охридско културно лето“, „Битолско културно лето“, „Битола отворен град“ и др. „Млекара АД Битола“ е верен поддржувач и на младите сликари, учесници на ликовната колонија: „Мал битолски монмартр”, која традиционално секоја година се одржува во Битола и на која учествуваат млади сликари од повеќе земји во светот.

Со цел да овозможи нов и забавен начин за едукација на децата, компанијата во 2013 година, во соработка со маркетите „Рамстор“, ја организираше акцијата „Вселенска авантура”. Во рамките на оваа акција децата имаа можност да видат реплика од костимот на првиот човек кој стапнал на Месечината, да гледаат низ роботски очила и да научат многу интересни факти за вселената која ја опкружува нашата планета на интерактивен начин.

Сите овие настани се одраз на определбата на „Млекара АД Битола“ да го мери својот успех не само според постигнатите финансиски резултати, туку и преку бројот на лица и групи граѓани кои се опфатени со хуманите акции и проекти, кои потекнуваат од искрената намера на компанијата да даде свој придонес кон развојот на поединецот и на општеството.

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.