Mисијата на Бимилк е создавање на квалитетен и безбеден производ, секогаш достапен до потрошувачот!

Содржината

Битолска млекара е еден од поголемите стопански производствени капацитети во Битола, а секако е првата млекарница во државата, којашто е неприкосновен лидер на млечниот пазар на ниво на целата држава. Битолската гордост оваа години одбележува 70 години постоење и го одбележува со активности преку кои ќе ја искаже својата благодарност кон потрошувачите за дадената доверба. За успехот, за јубилејот, за идните планови, инвестициските програми и за одговорноста кон заедницата разговараме со Александар Мано, менаџер на операции во Бимилк, во чија одговорност спаѓаат оперативното планирање, производството, одржувањето, контролата на квалитетот и системите за управување со квалитет, складирањето и дистрибуцијата на готов производ.

-Битолска млекара е најголемиот производител на млеко и млечни производи во Македонија, секојдневно задоволувајќи ги потребите на повеќе од милион задоволни потрошувачи. Во годината кога славите 70 години, кои се главните параметри кои го отсликуваат успехот на вашата компанија и колку сте задоволни од постигнатото?

Битолска млекара денес претставува синоним за квалитет, иновација и широка палета млечни производи и тоа се тие главни параметри што придонеле за денешниот успех. Иако лично верувам дека успехот, а со тоа и статусот што го имаме на македонскиот пазар, е резултат на многу посветена работа на тимот и вложување во опрема и во развој на компетенциите на вработените, сепак комбинацијата на сите овие, важни фактори, доброто менаџирање и создавање вредност на традиција во текот на сите овие години, нè доведе до денешниот статус. Со тоа доаѓа и задоволството, посебно затоа што сте вложиле многу средства, време, знаење, колективно како тим сте се посветиле на тоа што го правите и гледате дека вашиот производ е првиот избор на потрошувачот и дека е дел од секој оброк. И не затоа што влегува во категоријата основен прехранбен производ, затоа што да бидеме реални, пазарот ни е богат и разновиден со домашни и странски млечни производи, туку затоа што е препознаен квалитетот. Тоа значи дека сте ја постигнале целта и дека сè што правите дало резултат, а тој резултат е задоволни купувачи кои постојано се враќаат за она што го сакаат.

-Денес Бимилк го обезбедува домашниот и пазарот во регионот со повеќе од 80 производи. На што се должат успешниот асортиман и пласман на овие производи?

Бимилк работи на пазарот веќе 70 години и во текот на овие години изградивме стратегија на успешно имплементирање на традицијата, иновацијата и новите трендови во исхраната. Секој нов производ што го пласираме на пазарот е сублимат на сите овие вредности, a притоа се следи пазарот и потрошувачките тенденции. Бимилк има воспоставено функционален однос со потрошувачите и добро ги познаваме потрошувачките навики во овој регион. За успешен пласман на производите неопходно е да се раководите од истражување и следење на пазарот. Така добивате информација за она што недостасува на пазарот и она што потрошувачите го бараат и очекуваат од вас како лидер. Откако оваа потреба и овие очекувања ќе се препознаат, работиме на развој на нов производ, а конкретно , во секторот Операции, се грижиме да одговориме преку произведување на безбеден и квалитетен производ секогаш достапен до сите продажни места како и до крајниот потрошувач.

-Директно во Бимилк се вработени 220 луѓе, а заедно со соработниците и компаниите со кои соработувате, овозможува егзистенција на околу 1.500 семејства во земјата. Која е улогата на кадровскиот потенцијал во целата успешна приказна на Битолската млекара?

Интерната политика и стратегија на Бимилк е создавање цврсти меѓуколегијални релации и тимска работа. Така се создава чувството на припадност и чувството на заеднички успех, при создавање нешто вредно што е резултат на работата, експертизата и професионалноста на сите заедно. Исто така, Бимилк има изградена структура за индивидуален кариерен напредок, внатре во самата компанија. Дополнително, преку таргетирани програми и едукација, создава услови за раст и развој во одредено поле. Кадровскиот профил на вработените во Бимилк, кореспондира со развојните процеси на компанијата кои се градат и врз основа на професионалноста и експертизата на нашите вработени. Истото ова е пресликано и во тимот Операции кој брои 114 луѓе. Иако во секторот постојат неколку диференцирани служби како: оперативно планирање и администрација, производство, одржување, контрола и управување со квалитетот, складирање и дистрибуција, сите ние заедно, функционираме како една целина во креирањето на оваа приказна.

Сите учиме заедно и растеме заедно, веќе 70 години.

Како е регулиран квалитетот на вашите производи и дали ги исполнувате современите стандарди за квалитет и нутритивните трендови?

Потрошувачите добиваат здрав, безбеден, исправен и хранлив производ со запазени нутритивни вредности. За постигнување на ова, имаме тим кој ги креира правилата, процедурите и механизмите на контрола кои се усогласени и со националната законска регулатива и со европската регулатива. Дополнително, службата за производство е задолжена да ги следи овие правила и процедури, а службата за контрола на квалитет го контролира спроведувањето на истото. Тимот за одржување е тука да ги планира сервисите и превентивното одржување на машините и опремата и навремено да ги отстрани евентуалните дефекти. Тимот од логистика се грижи производот да е правилно складиран, и правилно и навремено испорачан. Ова значи дека температурниот режим се почитува во сите фази: од прием на суровото млеко, преку производството, до дистрибуцијата до продажните места. Запазувањето на овој ладен ланец е од исклучително значење за задржување на квалитативните карактеристики на кисело-млечните производи во целиот рок на траење.

Нашата мисија е производство и пласман на производи кои се произведуваат и дистрибуираат исклучиво на ваков начин и со грижа за безбедноста и здравјето на нашите вработени, без компромис со квалитетот на производот а со минимален импакт на животната средина. Како референца и доказ за тоа, се и сертификатите за системите за управување со квалитет кои ги имаме имплементирано, а сме подложни и на редовни контроли од меѓународни сертификациони тела: ISO9001, ISO14001, ISO22000, ISO45001.

-Постојано вложувате во нова, современа технологија за унапредување на работата, безбедноста на производот и безбедноста на вработените. Кои се вашите најнови инвестиции?

Инвестициите на Бимилк се значајни за стабилноста на компанијата, за поттикнување на развојот на млечниот пазар и воведување нови повисоки стандарди, но и за зацврстување на позицијата како еден од лидерите на домашниот пазар. Новата и современа технологија е константен предмет на нашите инвестиции, затоа што тоа неминовно води до унапредување на процесите. Направени се големи инвестиции во доменот на рационализација на потрошувачката на енергенси, инвестиции во адаптација и припрема за користење на различни типови на горива, а исто така комплетирана е и инвестицијата за прочистување на отпадни води. Во делот на капиталните инвестиции не изостануваат ниту процесите на автоматизација кои водат до постабилен процес, поквалитетно перење на опремата итн.

Константно инвестираме и во опрема која ќе ја олесни работата, ќе го унапреди процесот на производство а за ова доказ се наградите во 2019, 2020 и 2021 година, кога сме прогласени за компанија со најдобра пракса на безбедност и здравје при работа од Министерството за труд и социјална политика. Континуирано вложуваме и во опрема за унапредување на контролата на квалитет на суровините и производите, со цел на пазарот да пласираме најквалитетни и најбезбедни производи. Ова нè прави посебно горди затоа што со дела го потврдуваме сето она за што се залагаме, преку инвестиции до создавање можности за развој на сите чинители во ланецот на снабдување во млечната индустрија

-Во континуитет работите на развој на нови производи. Што да очекуваат потрошувачите?

Бимилк никогаш не застанува со развој на нови производи, а тоа следи и понатаму. Новите производи што ги планираме се во склоп со најновите трендови во нутритивната исхрана, според највисоките квалитативни стандарди и се чекор напред во проширување на домашниот пазар. Но, најмногу од сè, новите производи се одговор на барањата и потребите на потрошувачите.

Изминативе години работиме на наш развој во некои категории во млечната индустрија каде не бевме постојано присутни, како што се овошните јогурти, путер, грчки јогурт, понудивме производи во категоријата млечни производи без лактоза, а оваа година влеговме во уште две нови категории – кефир и ајран, се со цел да одговориме на барањата на нашите потрошувачи.

Посветени сте и на проекти наменети за заштита на човековата околина. Кој е главниот фокус на вашата стратегија за општествена одговорност?

Општествената одговорност е еден од столбовите врз кои се потпира целата развојна стратегија на Бимилк. Ние сме дел од оваа заедница и затоа нашиот фокус е на подобрување на условите и состојбите во заедницата. Општествено одговорните практики кои ги имплементираме во својот фокус го има општеството во целина. Но, освен донациите кон институции од здравствен и социјален карактер, граѓански здруженија и организации кои се грижат за социјално загрозени групи, еднакво сме посветени и на проекти што се од јавен интерес и се за зачувување на животната средина. Така во моментов го даваме нашиот придонес да профункционира со целосен капацитет изградената пречистителна станица за отпадни води, а ги завршивме и сите активности поврзани со адаптација на нашите енергетски постројки и сме подготвени за користење на природен гас како гориво. Работиме и на имплементација на барањата на ISO50001 – системот за менаџирање со енергија кои пак ќе обезбедат најрационално искористување на енергенсите, а на среднорочен план разгледуваме и можности за инвестиција и во обновливите извори на енергија.

 

Споделете го овој текст:

Остави коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Scroll to Top

Веб страната користи колачиња за да овозможи најдобро искуство. Со користење на bimilk.mk се согласувате со нашата политика за приватност и користењето на колачиња во согласност со нашата политика за колачиња.