За нас

Со традиција уште од 1952 година, Млекара АД Битола денес е најголемиот производител на млеко и млечни производи во Р. Македонија, задоволувајќи ги секојдневно потребите на повеќе од милион потрошувачи.

Токму потрошувачите се во фокусот на деловната стратегија на компанијата. Од нивните желби и потреби започнуваат сите деловни процеси и активности во поглед на развојот, модернизацијата и стандардизацијата на производството.

Следењето на светските трендови, како и инвестициите во нови софистицирани технологии со целосна посветеност на безбедноста и квалитетот на производите и производствениот процес, овозможија проширување на асортиманот и креирање на производи кои што ја потврдуваат лидерската позиција на нашата компанија во индустријата за млеко и млечни производи.

Компанијата поседува врвен стандард за управување со квалитетот и контрола на безбедноста на храната - ISO 22000 (интегриран стандард од HACCP и ISO 9001) и стандард за заштита на животната средина ISO 14000 и е единствена млекарница во Р. Македонија која поседува извозен број за извоз во земјите на Европската Унија, што е доказ за врвниот квалитет на нашите производи. Со имплементацијата на сите овие стандарди Млекара АД Битола обезбедува висококвалитетни и безбедни производи за илјадниците потрошувачи кои дневно ги користат нејзините производи. Токму затоа континуираното унапредување на квалитетот и безбедноста на храната, притоа водејќи грижа за зачувување и подобрување на животната средина, претставува основна цел и врвен приоритет на компанијата.

За успехот на една компанија, покрај деловниот резултат, говори и нејзиниот активен придонес кон развојот на општествената заедница. Хуманитарната акција „Прегратка на дар“ на Млекара АД Битола е добитник на домашна награда и на меѓународно признание за најдобра општествена практика во категоријата големи компании од Иницијативата „Европски систем за наградување на општествената одговорност на претпријатијата“ во Брисел.